Пингпонгарскиот клуб на УГД Студент во Штип годинава се откажа од Првата пингпонгарска лига, но не ги прекина активностите. Според зборовите на познатата пингпонгарска легенда, Ване Барбареев , чие семејство , таткото Трајче и братот Кирил, донесоа многу успеси на македонскиот и штипскиот пинг понг, во иднина екипата на УГД Студент, каде е тренер, ќе „регрутира“ нови пингпонгарски таленти. Деновиве децата од УГД Студент учествуваа на турнирот „ 11 октомври“ во Куманово.
„Задоволен сум од моите ученици. Сите прикажаа добри игри на турнирот, а Филип Кангалов се пласира меѓу осумтте најдобри. Во Македонија многу малку се води сметка за младите пингпонгари, во екипите често гледаме ветерани. Се трудам во нашата пингпонгарска школа да привлечам што повеќе млади таленти -пингпонгари. Имаме одлични услови за работа…“- вели Ване Барбареев.
Покрај браќата и сестрите Филип и Бојана Кангалови и Дамјан и Светлана Бигорски. во Куманово настапија и Вероника Барбареева, Борјана Динушева и Ели Михајловска .
Идната година Штип треба да ја одбележи 70 годишнината од формирањето на првиот пингпонгрски клуб во градот „ Вита Поп Јорданова“, формиран на 5 мај 1950 година.Први пингпонгари беа Тодор Кралев, Михаило Балов и Генчо Наков. Познати пингпонгари беа и кардиолозите Жан Митрев и Сашко Ќедев. познатиот писател Ристо Лазаров и неговиот брат БранкоШтипјани ги паметат и пингпонгарските имиња на Трајче, Ване и Кирил Барбарееви,Драги Јорданов,Борче Кикиритков, Венцо Шопов, Филип Младеновски, Сашко Богатинов, Александар Кралев, Петар Костовски, Саше Смолиќ,Наташа Манева, Ана Радосалљевиќ, Катерина Николиќ, Олга Стојанов, Катерина Делова и многу други.