Во сабота и недела, 2 и 3 март, во Скопје ќе се одржи сениорското поединечното државно првенство во пинг понг. Последното коло во Супер лигата во екипна конкуренција ќе се одржи на 17 март. Домаќин треба да биде Шампиони Фа од Штип. Досега поединечните првенства во пинг понг, Шампиони Фа ги организираше во Свети Николе. Дали штипјани ќе ја прифатат организацијата на првенството, тешко е да се одговори. Последното коло треба да одлучува која екипа ќе има предност пред плеј офот. Се знаат екипите кои ќе учествуваат во разигрувањето за титулата- Вардар, Младост, Телеком Нец и Младост 96. Во баражот за опстанок ќе се борат две екипи- УГД од Штип, која го освои претпоследното место во Супер лигата и Кочани, екипа која беше втора во Првата лига. Шампиони Фа обезбеди опстанок и нема да учествува ни во плеј офот, ни во баражот. Баражот е закажан за 12 мај на неутрален терен.
Се поставува прашањето- во кој град ќе се одржи последното коло во Супер лигата? Минатата година штипјани не гледаа пинг понг во Штип. Иако никој не сака да признае, сепак едно е јасно- има недоразбирања меѓу двете штипски екипи. Во Штип има спортска сала („Јордан Мијалков“), која е погодна за одржување вакви пингпонгарски натпревари. Несогласувањата меѓу двете штипски екипи може да ги разреши единствено локалната самоуправа. Тоа е во интерес на развојот на овој спорт, но и за афирмација и пропаганда на пинг понгот. Не треба да се заборави дека Штип има долга пингпонгарска традиција. Трипати штипските пингпонгари учествувале во европскиот куп „ Ненси Еванс“. Тоа не треба да се заборави! Потребно е само малку поголемо ангажирање на спортскита работници во Штип и да ги „испеглат“ недоразбирањата, што е во интерес на пингпонгот и неговиот развој!